09 December 2015

Зошто треба да компостираме?


Заштедуваме, компостот е квалитетно органско ѓубриво кое е потполно бесплатно. Ја штитиме околината, со компостирање количината на отпад кое завршува на депониите може да се намали за третина.


Се намалува создавањето на метан кој придонесува за создавање на ефектот на стаклените градини т.е придонесува за климатските  промени. Се намалува загадувањето на подземните води со оние течности кои се исцедуваат од одпадот. Компостот ја подобрува структурата на почвата и го спречува нејзиното сушење. Компостот ја намалува ерозијата на земјата.

Во Македонија не се врши раздвојување на отпадот и целиот отпад се носи на депониите. Со такво однесување кон отпадот уништуваме големи количини на секундарна суровина, а неконтролираното разградување на органскиот отпад предизвикува многукратни штетни последици. Со воведување на едноставни мерки за сепарација и повторно користење на секундарните суровини, како и со компостирањето на органскиот отпад многу ќе се придонесе за зачувување на нашата планета.



Процесот на компостирање овозможува ефикасно кружење на органската материја, намалување на количините отпад кои се носат на депониите и создавање на природно ѓубриво кое се користи во одгледувањето на поздрава храна. 

Компостот ја  збогатува  почвата со органски материи, кои представуваат храна за живите организми, го зголемува нејзиниот квалитет и стабилноста. Компостот ги храни растенијата, овозможува проветрување на почвата, ја задржува водата, ја намалува ерозијата и овозможува зголемен капацитет за задржување на влагата.


Поради сето ова, компостот треба да се применува секогаш кога е тоа можно во овоштарниците, градините, расадниците, парковите и зелените површини.
Органски отпад – биоотпад е всушност кујнскиот отпад. Тој представува 1/3 од куќниот отпад и е вредна суровина за производството на квалитетен биокомпост.

За производството на органски компост – биокомпост како суровина може да се користат свежи и исушени остатоци од овошје и зеленчук, лушпи од јајца, талог од кафе, кесички од филтер чаеви, овенато цвеке одгледано безпестициди, слама, покосена трева пред цветање, листови од дрва, хартија и картон кој не е обоен со вештачки бои и кој не содржи олово, отпад од производство на пиво или вино итн. Колку е поразновиден составот на материјалот, толку компостот е побогат со хранливи материи.

При производството на биокомпост не треба да се употребуваат материјали кои не можат природно да се разложат како што е пластика, стакло, порцелан, ковани предмети, бои, лакови, машинско масло и слично. Не треба да употребуваме заболени растенија кои се нападнати од штетници, кора од лимон, портокал, банана, измет од луѓе, кучиња и мачки, детергенти и други средства за хигиена, расцветан плевел, лекови и остатоци од пестициди.

No comments:

Post a Comment